Енергетската ефикасност е стратешка определба на европските земји и истата е регулирана со директиви, регулативни, односно закони и прописи. Европските земји се обврзани да остварат годишни заштеди во потрошувачката на финална енергија од најмалку 9% до 2016 година. Според најновите регулативи, Европските земји до 2020 година треба да заштедат 20% од примарната енергија преку спроведување на мерки за енергетска ефикасност. Секоја земја членка е обврзана да развие свој национален план за енергетска ефикасност што ќе биде во функција на остварување на оваа заедничка цел.
Како последица од успешно спроведените мерки, се очекува намалување на потрошувачката на енергија со што би се намалила емисијата на стакленичките гасови, зголемено производство на енергија од обновливи извори и технолошки напредок.
Република Македонија го следи овој тренд, па во последниот период усвоени се неколку стратешки документи кои ја опфаќаат енергетската ефикасност. Се работи за Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година, Стратегијата за унапредување на енергетската ефикасност до 2020 година, како и Акциониот план за енергетска ефикасност до 2018 година.
Според националните цели, Република Македонија треба да оствари годишни заштеди во потрошувачката на финална енергија од најмалку 147 килотони нафтени еквиваленти енергија до крајот на 2018 година, односно најмалку 9%, и тоа во следните сектори:
– Комерцијален и услужен;
– Индустриски;
– Транспортен; и
– Резиденцијален.