Често пати сме ја слушнале изреката дека електроенергетскиот систем на една земја е нејзиниот крвоток, односно инфраструктура која овозможува движење и развој. И тоа е навистина така. Ако го споредиме со крвотокот на човекот, енергетскиот систем всушност би можел да се објасни вака: високонапонската мрежа на државната компанија МЕПСО е најважната и најголемата артерија на човекот – аортата, а дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија се сите вени, капилари и други крвни садови кои ја носат енергијата или животот до најситните делови на човечкиот организам, а во случајот на електричната енергија и до најоддалечениот корисник.
Дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија ја презема електричната енергија од преносната високонапонска мрежа на државната компанија МЕПСО преку трансформаторските станици. Тука електричната енергија за да го продолжи своето патување до крајните корисници се трансформира од 110 и 400 киловолти на пониско напонско ниво од 35, 20 или 10 киловолти. Некои од стопанските објекти ја користат енергијата на овие напонски нивоа, а електричната енергија во домовите на граѓаните доаѓа преку 0,4 киловолтни кабли.
Дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија се протега на целата територија на Р. Македонија и достигнува и до најоддалечените населени места.
Во рамките на дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија има 55 трафостаници каде напонот се трансформира од 110 киловолти на пониски напонски нивоа, понатаму 78 трафостаници кои трансформираат напон од 35 киловолти и 10.400 трафостаници каде од напонот на 10 односно 20 киловолти се трансформира на 0,4 киловолти.
Вкупната должина на мрежата е околу 26.000 километри, и тоа 1066 километри на 110 и 35 киловолтно напонско ниво, 10.000 километри на 20, 10 и 6 киловолтно напонско ниво и 15.000 километри на 0,4 киловолтно напонско ниво.
Мал дел од дистрибутивната мрежата е во приватна сопственост што во регионите каде е застапена го отежнува процесот на нејзино оддржување и надградување.
Инвестициите во дистрибутивната мрежа е една од најважните заложби на ЕВН Македонија на која посветено и систематски се работи во изминативе седум години.
По влезот на ЕВН Македонија во април 2006-та година па досега, инвестирани се над 190 милиони евра во изградба и модернизација на дистрибутивната мрежа. Во овие инвестициски зафати изградена и модернизирана е мрежа од повеќе од 2.400 километри и 1.200 трафостаници. Исто така, инсталирани се и околу 650.000 нови дигитални броила.
Инвестициите во дистрибутивната мрежа се континуиран процес и се реализираат преку претходно изготвен план кој стручните служби на компанијата го изготвуваат секоја година. На годишно ниво инвестициите во дистрибутивната мрежа достигнуваат и над 20 милиони евра.
ЕВН Македонија нуди сигурно и стабилно снабдување со електрична енергија на над 700.000 корисници. Покрај домаќинствата, малите и средните бизниси, ЕВН Македонија ги снабдува со електрична енергија и градинките, училиштата, медицинските установи, општините, културните и спортските објекти, и така натаму.
Како компанија која опслужува најголем број на корисници во Македонија, ЕВН во изминативе години активно работи на подобрување на своите услуги насочени токму кон своите корисници. Во 2008-та година отворен беше нов центар за односи со потрошувачи, достапен 24 часа дневно, 7 дена во неделата, каде корисниците можат телефонски или писмено да се обратат во врска со сите нивни прашања за информации и дефекти. Понатаму, ЕВН Македонија посебно внимание посветува на своето локално делување, па затоа комплетно беше трансформирана мрежата на кориснички центри. Вкупно 19 низ целата Република, Корисничките енерго центри или КЕЦ-ови се местата каде корисниците може да ги добијат сите потребни услуги. Вработените во КЕЦ-овите постојано добиваат различни обуки за подобро опслужување на корисниците, а во секој КЕЦ постојат стручни тимови за брза и навремена реакција на терен.
За секој нов објект или доградба на постоечки потребно е корисникот да ја информира ЕВН Македонија за своите намери и да побара т.н. согласност за приклучување. Се работи за документ што го издава компанијата според Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија. Корисникот во барањето што го поднесува до ЕВН Македонија треба да даде информација за колкави ќе бидат дополнителните количества на електрична енергија. Врз основа на ова барање, стручните екипи на ЕВН Македонија изготвуваат проект со што се прави соодветна надградба на дистрибутивната мрежа, а со тоа се овозможува квалитетна испорака за новиот корисник. Ова важи и за оние корисници во Скопје кои се откажуваат од услугите на Топлификација и преминуваат на загревање на своите домови и канцеларии на електрична енергија. И овие корисници законски мораат да побараат согласност за приклучување за да се направи ново димензионирање на дистрибутивната мрежа која ќе може да одговори на потребите на корисниците.