Неовластено користење на електрична енергија

И покрај континуираните инвестиции во дистрибутивната мрежа на ЕВН Македонија, квалитетот на електричната енергија од крајните корисници може да биде загрозен и од некој други појави. Во многу региони квалитетот на електричната енергија се загрозува како резултат на нелегалното користење на електрична енергија.

Како всушност кражбите на електрична енергија влијаат на квалитетот на снабдувањето? Во Македонија во голем број на региони кражбите на електрична енергија се честа појава. Постојат корисници кои заради манипулација на нивните мерни уреди, дел од енергијата што ја користат е неевидентирана. Исто така, има и корисници кои се приклучуваат самоволно, директно на дистрибутивната мрежа, без воопшто да постои мерен уред. Така се создава ситуација во која на овие корисници им се фактурира или значително помала сума, или воопшто не им се фактурира потрошената електрична енергија. Иако ова делува навидум безопасно, во реалноста е сосема спротивното.

Кражбите на електрична енергија го оневозможуваат планското инвестирање во подобрувањето на дистрибутивната мрежа. Зошто е тоа така? Бидејќи инвестициите се планираат согласно информациите кои преку мерните уреди се добиваат за потрошувачката на електрична енергија, како и уредните барања за нов приклучок на корисниците, нешто за што посветивме внимание во минатата епизода. Така, трафостаниците и водовите кои ги напојуваат корисниците во регионите каде што има кражби се преоптоваруваат, а капацитетот потребен за надградување не може да се планира. Зачестени прекини и неконстантен напон се честа појава во овие области. Така, крадците на електрична енергија им го одземаат правото на совесните корисници да добиваат квалитетна испорака на електрична енергија.

Кражбите на електрична енергија ги ставаат во директна опасност животите и здравјето на оние кои се наоѓаат во нивната близина. Не е ретко на телевизија да чуеме дека некоја куќа или друг објект изгорела заради кражба на електрична енергија. Во голем дел на случаи жртви се и соседите, случајните минувачи, како и самите крадци. Бидејќи ракувањето со електричната енергија е опасно и за тоа е потребна соодветна обука, заштитна опрема и дозвола, при самата манипулација има опасност оној кој ја извршува да добие струен удар.

Крадците на електрична енергија освен што создаваат општа опасност за сите корисници во нивната околина прават и големи штети на државата. Со тоа што користат еден производ без за тоа да платат тие го оштетуваат државниот буџет по основ на неплатено ДДВ како и општинските буџети кои добиваат дел од вкупната сметка за електрична енергија за улично осветлување.

Во Македонија за жал кражбите на електрична енергија се реалност. Користењето на електричната енергија нелегално е казниво според најновите измени на Кривичниот законик на Р. Македонија. Според Кривичниот законик кражбата на електрична енергија е кривично дело за што е предвидена дури и казна затвор.

За да се искорени појавата на кражби на електрична енергија екипите на ЕВН Македонија заедно со екипите на МВР постојано работат и вршат контрола на терен за пронаоѓање и санкционирање на овој вид на криминал. Под постојана контрола се и вработените на ЕВН Македонија за да се спречи било каква нивна асистенција со одреден корисник на терен. Интензивните акции на екипите на МВР и ЕВН Македонија даваат резултати, за разоткривање на овие криминални групи.

Стручните екипи на ЕВН Македонија при најмал сомнеж веднаш вршат контрола на терен. Голем дел од сторителите на овој вид на криминал се фатени и против нив се водат судски постапки. Тие се соочуваат со големи парични казни и затворска казна до пет години. Затоа заедничката акција на ЕВН Македонија и екипите на МВР продолжува во сите региони на Македонија.

Освен постојани контроли, ЕВН Македонија продолжува да инвестира во квалитетот на дистрибутивната мрежа со цел да се подобрат напонските прилики во регионите каде населението се соочува со овој проблем.