Пазар на електрична енергија

Што претставува либерализација на пазарот на електрична енергија?

Либерализација на пазарот на електрична енергија значи дека сите потрошувачи на електрична енергија можат да се снабдуваат со електрична енергија  на слободен пазар, на фер и транспарентен начин. Целта на воведувањето на овој модел кој веќе функционира во повеќето европски земји е зголемување на понудата за потрошувачите и зајакнување на конкурентноста на пазарот.

Дали и Македонија ќе го либерализира пазарот на електрична енергија?

Македонија 2005-та година го потпиша Атинскиот меморандум со што стана дел од Енергетска заедница на Југоисточна Европа. Овој значаен документ кој беше ратификуван од Собранието  на Република Македонија во 2006-та година, ги постави главните рамки за развој на енергетскиот сектор во делот на електрична енергија, обновливи извори на енергија и гас. Овој документ предвидува трансформација на секторот на електрична енергија, особено во делот на пазарот на електрична енергија. Сите потрошувачи во Македонија до 2015 година треба да се снабдуваат со електрична енергија  на слободен пазар, на фер и транспарентен начин. Процесот на либерализација во 2007-та година први го започнаа деветте големи компании – големи индустриски потрошувачи, приклучени директно на преносната мрежа на МЕПСО, кои се снабдуваат на слободен пазар преку трговци со електрична енергија. Од 01.04.2014 уште 220 потрошувачи, приклучени на дистрибутивна мрежа, ќе излезат на либерализиран пазар. Либерализацијата на пазарот за електрична енергија ќе продолжи и конечно сите потрошувачи, вклучително и домаќинствата, ќе можат да бираат снабдувач на слободен пазар.