Од 2006 година па наваму, ЕВН Македонија кај корисниците поставува нови, модерни дигитални броила. Овие уреди најпрецизно ја мерат потрошената електрична енергија кај корисниците и се практично невозможни за манипулација. Досега, од вкупно околу 800.000, заменети се преку 650.000 броила. Новите броила имаат интегриран часовник што точно покажува кога е ефтина а кога скапа тарифата на мерење, како и опција да се прочитаат електронски, преку оптичка сонда што ја отстранува можноста за евентуален човечки фактор односно грешка. Дел од боилата имаат можност и за далечинско управување, односно вклучување, исклучување и читање.
Точноста на мерењето на овие нови броила е потврдена од Бирото за метрологија при Министерството за економија што е релавантниот авторитет за оваа област. При промена на цената на електрична енергија, егзактноста на мерењето е од големо значење. Кај новите броила има можност потрошувачката да се тарифира до ден и час што е особено важно кога се прави пресек на одреден датум.
Зошто се инвестира во современ систем на мерење? Одговорот е едноставен. Прво, корисниците имаат право да платат точно онолку колку што потрошиле, ни помалку ни повеќе. Второ, точната евиденција на вкупно потрошената енергија го прави набавувањето на енергијата полесно. Кога потрошувачката на енергијата се планира врз основа на реални податоци, тогаш се постигнува најголема оптимизација на капацитетите. Тоа значи дека опасноста за интервентен увоз на електрична енергија во периоди кога потрошувачката е зголемена може и да се избегне. Сето ова директно влијае на крајната цена на електричната енергија.